Албанија избира нова локална власт, во трка и Македонци
8 мај 2011Повеќе од три милиони и сто илјади албански граѓани со право на глас, по шестипат избираат градоначалници и советници, претставници на 56 политички субјекти, од кои 45 се групирани во две коалиции. Едната е од десницата-„Алијанса за граѓанинот“, во која се 22 партии, предводена од демократите на актуелниот премиер Сали Бериша, а онаа на левицата-„Алијаса за иднината“ со 23 партии, е предводена од социјалистите на Еди Рама, кој по четврти пат ја бара двербата на граѓаните за прв човек на албанската метропола. Во главниот град, каде има најголем број гласачи, дури 700 илјади, всушност ќе се води и најжешката битка, помеѓу Рама и демократот Љуљзим Баша, екс- шеф на дипломатајата и до пред изборната кампања прв полицаец.
Изборите ги набљудуваат 596 странски и 2.200 домашни набљудувачи. Во Тирана допатува генералниот директор на ОДИХР Јанес Ленарчич, како и известувачот за оваа земја во Европскиот парламент Едуард Кукан.
Без поголеми проблеми при гласањето
Од Централната изборна комисија потврдуваат дека гласањето се одвива без некои поголеми проблеми. За безбедноста се грижат околу девет илјади припадници на полицијата.
Шефот на државата Бамир Топи, кој со посебни емоции кажа дека правото на глас го остварил токму во училишето каде што бил прваче, упати апел д граѓаните масовно да излеат и да го дадат својот глас.
„Ова е посебен ден, зашто гласаме за прогресот и демократијата на Албанија“, порача Топи, посакувајќи изборниот ден да мине мирно, што е многу значајно за европската иднина на земјата.
И Македонци во трката за градоначалници
По оние пред четири години, кога за првпат настапи како политички субјект, на овие избори со свои кандидати учествува и партијата на Македонците. Под симболот на партијата, Македонска алијанса за европска интеграција, во Пустец, за градоначалнк се рекандидира Едмонд Темелко. Тој на претходните избори ја доби довербата, што се смета за историска победа на Македонците, зашто за првпат добија градоначалник предложен од нивната партија. Тој е убеден дека, со досега постигнатите резулати во подобрувањето на статусот на Македонците и условите за живот во Мала Преспа, неговите сограѓани повторно ќе му ја дадат двербата.
„Единствен пат за остварување на нашите права за подобар живот е доколку политички сме обединети околу нашата партија и сите Македонци што повеќе да гласаат, со што ќе бидеме поголем фактор овде во Република Албанија“, вели Едмонд Темелко.
За првпат, иако не под симболот на матичната партија, поради оправдани причини, за градоначалник на општина Требиште се бори Едмонд Османи, инаку, потпретседател на македонската партија и претседател на регионалниот партиски комитет за Голо Брдо. И тој верува во победа.
„Очекуваме победа, имаме добри шанси. Ова ќе биде најдобро за Македоците во Голо Брдо, бидејќи првпат ќе имаме градоначалник за Македонците и подобри услови, се‘ повеќе правата наши да ги бараме, да ги браниме“, вели Османи.
Македонската партија со свои кандидати за советници настапува во 15 општини.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Жана Ацеска