Австрија потресена од тежок случај на сексуална злоупотреба
28 април 2008Едно од децата умрело брзо по раѓањето, три останале со мајката во скривалиштето и дури по акцијата на австриската полиција за прв пат видоа дневна светлина. Другите три, Јозеф Ф. ги посвоил, откако тврдел дека ќерката, која се водела како исчезната и заведена од некоја секта, наводно му ги оставила пред куќниот праг. За целата приказна неговата сопруга наводно не знаела ништо.
„Ова не е случај кај што мајката оставила дете на цедило, на пример кога било тешко повредено и требало да биде префрлено во болница. Овде станува збор за случај во кој ќерката била држена во затвор од сопствениот татко и згора на тоа била цел на сексуална злоупотреба“, појасни шефот на полицијата за покраината Долна Австрија, Франц Полцер.
Полицијата случајно го откри злосторот
Полицијата му влегла во трага на целиот случај откако 19-годишната ќерка на Елизабет Ф., нејзиното прво дете по затворањето во тајното скирвалиште, во саботата била пронајдена во бесвесна состојба во куќата на нејзиниот дедо-татко. Кога таа била пренесена во болница, бидејќи била во животна опасност, пензионерот Јозеф Ф. и затворената ќерка Елизабет, биле најдени во околината на болницата во обид да ја посетат.
Дури синоќа 73-годишниот Јозеф Ф. им го откри на полицајците местото на скривалиштето и шифрата за влез во подземните простории. Тие биле тесни, со ниски тавани и без дневна светлина. Ќерката Елизабет поради страшните услови за живот веќе изгледа како старица со побелена коса, иако има само 42 години. Таа се согласила да ја раскаже целата приказна дури откако полициските инспектори успеале да ја уверат дека нема никогаш повеќе да го сретне татко и’ и дека таа и нејзините деца ќе бидат пренесени на безбедно место.