1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија и Унгарија бараат помош од ЕУ за обезбедување на границата

21 септември 2011

Австрија и Унгарија бараат помош од ЕУ за обезбедување на Шенгенската граница со Балканот, по зголемениот шверц на луѓе, објави „ЕУ Обзервер“.

https://p.dw.com/p/12dK4
Унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор ПинтерФотографија: picture alliance/dpa

Барањето на двете земји членки ќе биде разгледано утре, на средбата на министрите за внатрешни работи. Според „ЕУ Обзервер“, тие најверојатно ќе го отфрлат предлогот да и‘ се дадат овластувања на Европската комиција да учествува во носењето решение за враќање на контролата на националните граници и околу примање на Бугарија и Романија во Шенген-зоната.

Во писмото на министрите за внатрешни работи на Австрија и Унгарија се бараат „заеднички акции“ за обезбедување на унгарско-српската граница, преку која илегално се пренесуваат арапски и азиски имигранти во Западна Европа.

„Во последно време во Австрија и Унгарија значително е зголемен бројот на илегални имигранти. Тие доаѓаат претежно од Авганистан, Пакистан, Индија, Сомалија, Иран и Ирак. Внесени се во ЕУ во нечовечки услови, најчесто со автобуси, камиони или автомобили“, се вели во писмото. Министрите предупредуваат дека проблемот може да се влоши ако ЕУ не преземе мерки и повикуваат на поголема соработка меѓу државите-членки, Фронтекс и Европол со цел обезбедување „подобра заштита на границите“.

Бројот на илегални имигранти во периодот јануари-август 2011 година е зголемен за 20 насто. Во изминатата недела уапсени се 150 лица во Австрија и 200 во Унгарија. Австриската Влада веќе испратила граничари на унгарската граница во помош на локалните власти и формирање заеднички тимови за борба против илегално пренесување луѓе. Се вршат и проверки на возови и на автопатишта.

Автор: ЕМФ/ГЧ/дв/бета

Редактор: Борис Георгиевски