Австрија го презема претседателството
29 декември 2005Со големиот број министерски совети и самити тоа значи дека една земја во тој период од шест месеци може да постави дополнителни теми и тежишта. Што ќе преземе австриската влада до крајот на јуни?
Австриската министерка за надворешни работи Урсула Пласник сака да постигне три цели:
„Ако сега смеам да соопштам три желби тоа се: повеќе доверба, повеќе јасност, повеќе елан„.
По компромисот за финансирањето на Европската унија до 2013 година, сега вниманието треба да се насочи кон други големи теми: уставот, смислата на Унијата и границите на проширувањето. Така смета и австрискиот канцелар Волфганг Шисел. Претседателот на Европската комисија Жозе Барозо за Дојче веле изјави дека сака спорот за парите што побргу да се заборави:
„Мислам дека со повеќе оптимизам можеме да влеземе во 2006 година. Сега можеме да се концентрираме врз нештата важни за граѓаните, имено поголем растеж и повеќе работни места„.
Ако уште еднаш се повтори дебатата за пари од 2005 година, тогаш Европската унија „сама ќе се убие„, буквално изјави австрискиот канцелар Волфганг Шисел. Европската унија има потреба од сопствени даночни и финансиски извори, а не да зависи од милоста на претседателите на држви или влади. Австрија има намера да го заживее уставот што го одбија Французите и Холанѓаните, најави министерката Урсула Пласник:
„За темата устав сметам дека нема да постигнеме успех со козметичка постапка. На таков начин нема да ја оправдаме големината на темата„.
Пласник истовремено предупредува дека Австрија нема да испорача патент рецепти, туку најмногу може да постигне барем добра атмосфера за дебатата за уставот. Нов почеток на процесот на ратификација сигурно не е можен пред изборите во Франција и Холандија, значи по 2007-та:
„Не е можно да се реализира концепт на волшепство или Австрија да се презентира како самостоен креативен директор. Ние ќе тргнеме од тоа што е можно да се оствари„.
Надворешно – политички Австрија поради географската и историската блискот тежиштето ќе го стави врз Балкан. Државите од Хрватска до Македонија мораат, секоја на свој начин, да бидат што поблиску до Европската унија. Пласник долго војуваше против почетокот на преговорите за членство со Турција. Сепак, Унијата во октомври реши тоа да го направи. Дали Австрија ќе ги започне првите практични преговори со Турција, министерката Пласник се уште не сака да каже:
„Премногу е рано за проценка дали во првото полугодие ќе можеме да го отвориме првото преговарачко поглавје„.
Најнапред ќе се причека дали Турција ќе ја спроведе царинската унија со Европската унија, за со тоа да ја признае членката на Унијата – Кипар. Инаку, Австрија темата турско членство која внатрешно-политички е спорна, радо би ја препуштила на следниот претседавач – Финска.