Авганистан стравува од секташко насилство
7 декември 2011Стравувањата се дека по нападот во кој загинаа 59 луѓе, Авганистан ќе се соочи со секташко насилство, во стилот на она што се случува во Ирак. Авганистанските талибанци негираа дека се одговорни за нападот, а Шиитите го вперија прстот кон групи од соседен Пакистан.
Аналитичарите велат дека сега е клучна одговорноста на шиитските лидери да утврдат дали се појавиле поделби меѓу авганистанските сунитски и шиитски муслимани. Оние вторите претставуваат 20 проценти од авганистанската популација.
Страв од граѓанска војна
Нападот на празникот беше неочекуван, затоа што такво секташко насилство досега се нема случено во Авганистан. Нејасно е кој би имал полза од поттикнувањето ваков вид на насилство во земјата, во која граѓаните повеќе стравуваат од граѓанска војна по заминувањето на НАТО трупите во 2014-та. Сомнежите се дека можеби нападот е организиран од групи во Пакистан, кои ја бојкотираа конференцијата за Авганистан во Бон.
„Нападот изгледаше како да е смислен за да предизвика етничко и секташко насилство, но тој може и да предизвика зголемување на отпорот против напорите од странство за понатамошно дестабилизирање на Авганистан“, смета Кети Кларк, аналитичарка во „Авганистанската мрежа за анализи“.
Карзаи ја крати посетата на Германија и Британија
Канцеларијата на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи информираше дека „по неговото враќање во земјата ќе ги посети повредените и семејствата на загинатите во неочекуваниот секташки напад на шиитскиот празник во главниот град“.
Од претседателската канцеларија информираат и дека Карзаи ја скратил својата посета на Германија и Британија, поради вчерашниот напад, во кој освен загинатите, има и 160 повредени верници кои се собрале да го прослават празникот Ашохура. На тој ден се одбележува смртта на имамот Хусеин, правнукот на пророкот Мухамед.
Автор: Александар Методијев /афп/ап
Редактор: Е. Милошевска Фиданоска