Авганистан - земја на спасот за илјадници Македонци
7 февруари 2012„Долго размислував додека не пресеков и не ја донесов одлуката да го напуштам досегашниот живот и со еден ранец да заминам во непознатото. Во Македонија имав исклучително интересна професија и добро платена за македонски услови, а, сепак, се одлучив да го напуштам сето тоа и да заминам во непознатото“, ја почна својата приказна 39-годишниот Зоран Велковски, поранешен капетан на АРМ и пилот на хеликоптер во Воздухопловниот винг, со кого деновиве разговаравме во Скопје, по неговиот едногодишен престој во една база во Авганистан.
Македонец на чело на единица на авганистанската армија
Во Авганистан, Велковски работи за една голема корпорација што е во тесни врски со американската армија, каде раководи со помала борбена единица на авганистанската армија, што брои 25-30 војници и работи под команда на армијата на САД.
„Работам во една американска база во провинцијата Хост, која е најопасното место во Авганистан, затоа што е на три километри од граничен премина со Пакистан, а од таму се одвива најголемиот шверц со дрога и оружје и од каде талибанците најчесто напаѓаат цели во Авганистан“, вели овој веќе искусен воин. и додава дека повеќе пати, особено кога е лошо времето, (кога Американците не можат да ги користат беспилотните летала и хеликоптерите) нивната база била напаѓана и гаѓана од талибанци..
Одлуката за заминување, вели, не му била воопшто лесна, затоа што немал веќе 20-години како другите што заминуваат, туку во Македонија имал солидна кариера на пилот, имал семејство, деца, родители.
„Беше тешко, со многу нервози и плачење, но ја добив нивната поддршка и сега ми е многу полесно“, додава тој.
„Ќе се вратам назад. Го скршив мразот. Бев во таква база и на толку опасно место, со што Американците стекнаа доверба во мене, а заради тоа од нив ги добив потребните карти и пропусните –таканаречениот „фајн намбр“ на Стејт департментот. Сега ми е многу полесно да се вработам кај нив, а не само во Авганистан, туку во секоја точка од земјината топка“, објаснува Велковски.
Опасно, но исплатливо
Македонците во Авганистан, барем досега, најчесто заминуваа преку две американски фирми „Dyn corp“ и „Flour“, што исклучиво се занимаваат со логистичка поддршка на американските војници. Тоа значи дека Македонците во базите на Американците работат како готвачи, магационери, шнајдери, електричари, возачи, водоводџии...Тие работат и живеат во базите, а најчесто се сместуваат во најголемите бази во Кабул, Кандахар и Баграм, кои всушност се вистински затворени и обезбедени градови со по 40-50.000 војници и цивили.
Неколкуте сопруги и родители на лица вработени во Авганистан со кои контактиравме ни изјавија дека нивните најблиски се безбедни во базите, иако по некогаш и тие се цел на напади на талибанците. Генерално, се безбедни.
Речиси сите се исклучително задоволни од заработувачката што се изразува со по неколку десетици илјади американски долари годишно. Дел од нив, сепак, ни изјавија дека последните месеци почнале да се појавуваат проблеми, затоа што заради напливот на Индијци како работна сила во Авганистан драстично се намалувале платите кај Македонците и другите Европејци.
Растат стандардот... и разводите
„Барем досега не можеме да се пожалиме. Платите се супер за македонски услови - 45-50.000 долари годишно. Мене во Авганистан ми е сопругот, кој работи како магационер, а свекрвата работи во кујна, но двајцата се во различни и оддалечени бази. Безбедни се и често се гледаме и слушаме преку „Скајп“, ни изјави Марија, која во Скопје веќе една година сама живее со двегодишното синче.
Досегашните солидни примања на гастарбајтерите, меѓутоа, освен што го елиминираа социјалниот притисок во Куманово и другите градови, од друга страна, предизвикаа и чудни и помалку комични ситуации. Имено, кај дел од Кумановците кои подолго време веќе работат во Авганистан, освен поправените или новоизградени куќи се забележува и ангажирање на лично обезбедување, нови автомобили, дотерани сопруги или први знаци на луксузирање. Оддалеченоста на најблиските од домот, пак, дознаваме од социјалните служби, создаваат и други проблеми за овие луѓе. Имено, изминатите неколку месеци, драстично е зголемен бројот на разводи меѓу кумановците кои се на работа во Авганистан, а како најчеста причина се наведува неверството на сопругата.
Автор: Сашко Димески
Редактор: Борис Георгиевски