1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Afghanistan: Angst statt Hoffnung

7 октомври 2011

Пред точно 10 години почна воената интервенција на Западот врз Авганистан. САД и нивните сојузници тогаш ветија обнова на земјата и воведување демократија. Колку од ветеното е остварено?

https://p.dw.com/p/12n8D
Авганистанскиот претседател, Хамид КарзаиФотографија: AP/DW-Montage

Хабибур Рахман тогаш имаше 15 години и добро се сеќава на ноќта кога од небото прво се слушнаа чудни звуци. Денес знае дека тоа беа американските бомбардери, кои во тврдината на Талибанците Кандахар истресоа добар дел од убиствениот товар.

„Талибанците брзо беа поразени. Не знаевме што ќе дојде по нив. Луѓето се плашеа дека може да се вратат господарите на војната и со нив граѓанската војна. Но, исто така се надевавме дека ќе дојде и нешто добро!“

Karzai hinter Bush auf Natogipfel
Карзаи зад тогашниот американски претседател Џорџ Буш на самит на НАТОФотографија: AP Photo

Големи ветувања на Буш

Повод за надеж им даваа ветувањата на Американците дека војната не е насочена против авганистанскиот народ, туку против терористичката организација Ал Каеда и нејзините сојузници, Талибанците. Тогашниот претседател Џорџ Буш вети демократски избори, обнова на земјата и благосостојба, како и поголема безбедност. По 20-те години граѓанска војна, ова беше како мелем на рана за авганистанското население, кои тогаш му веруваше на Западот. Со оглед на тоа едно време владееше дури еуфорија. Така во главниот град Кабул се чекаше на ред во берберниците за бричење на брадите, што Талибанците им ги наметнале на сите мажи.

„Преку ноќ го напуштија градот. Следниот ден немаше ниту еден од нив и тогаш и’ немаше крај на радоста. Секој сакаше што е можно побрзо да ја избричи брадата, некои тоа го правеа дури јавно на улица.“

Afghanistan NATO Krieger in Kabul
Некои Авганистанци се борат на страната на НАТОФотографија: AP

Проблеми на безбедносен план

Но, наспроти сите воведени промени, вклучувајќи ги и демократските избори, безбедносната состојба во Кабул се влошуваше од година в година. Голем број жители на главниот град се прашуваат и ден денес како е можно најсилната воена алијанса на светот да не може да ги победи Талибанците. Освен тоа, бројни граѓани се незадоволни од обновата на земјата, што ја финансира Западот. Додека едни многу се збогатија, мнозинството остана сиромашно. Денес повеќе од 7 милиони Авганистанци немаат доволно за јадење, иако во земјата се слеаја милијарди долари.

Негативен биланс

Поранешниот амбасадор на Германија во Авганистан, Гунтер Мулак, оценува: „Централната поука е дека победа не може да се извојува со воени средства. Ако сакаме да ги освоиме срцата и главите на луѓето, тогаш треба да се вложат поголеми напори во развојно политичката соработка и во образованието. Освен тоа требаше на Авганистанците да им дадеме поголемо право на самоопределба, тие самите да кажат што би било најдобро за нивната иднина. Наместо тоа дојдовме со наши замисли за тоа што и како треба да се случува во Авганистан“, самокритички појаснува поранешниот амбасадор Мулак.

Afghanistan Kabul Taliban greifen Regierungsviertel an
Новата авганистанска армија треба да ја преземе одговорноста за безбедноста во земјата во 2014Фотографија: dapd

А експертката Цита Мас од Фондацијата наука и политика од Берлин, која до неодамна ја следеше ситуацијата во Авганистан, додава: „Главната критика според мене се однесува на фактот што меѓународната заедница придонесе на власт да дојде многу корумпирана влада. Затоа населението нема доверба во политичкиот систем. Моја проценка е дека интервенцијата во Авганистан доживеа неуспех!“

Автор: Ратбил Шамел / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски