1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанците не се исплашија од терористичките закани

AT/ дпа/ афп5 април 2014

Повеќе од 12 милиони жители на Авганистан денеска (5.04) го избираа наследникот на претседателот Хамид Карзаи. И покрај терористичките закани на талибанците, учеството на изборите, како што се вели, е високо.

https://p.dw.com/p/1BcZN
Фотографија: DW/F.Zahir

Избирачките места за претседателските избори во Авганистан се официјално затворени. Оние меѓутоа, кои пред 17 часот (14.30 СЕВ) застанале пред избирачките места смеат да го дадат својот глас, изјави портпаролот на Изборната комисија, Нур Мохамад Нур. Засега нема конкретни бројки за излезноста на изборите, но според првичните информации засновани врз прелиминарните резултати, на изборите излегле околу седум милиони гласачи или 58 проценти. Портпаролот на Изборната комисија Нур, подвлече: „Излезноста на изборите беше навистина голема. Мнозинството од населението учествуваше на изборите. Ова беа успешни избори“.

Поради големиот интерес и долгите редици кои се формираа пред некои избирачки места, Изборната комисија го продолжи работењето на избирачките места во целата земја за еден час.

Исто така и авганистанските набљудувачи на претседателските избори во првичните оценки се задоволни од текот на изборите.

Afghanistan Kabul Präsidentschaftswahl 2014
Фотографија: DW/H.Sirat

„Вкупната оценка досега е дека изборниот процес протече добро“, соопшти фондацијата за транспарентни избори „Тефа“. „Учеството на мажите и на жените во сите провинции беше изворедно“. Поради тоа во некои изборни места беа потрошени сите избирачки ливчиња. Според информациите на независната Изборна комисија, во тие места биле дополнително доставени избирачки ливчиња.

Изборите без засенети од повеќе поединечни напади, но и покрај заканите, талибанците не успеаја значително да го попречат изборниот процес.

Досегашниот претседател Хамид Карзаи по два мандата немаше право повторно да се кандидира. На изборите учествуваа осум претседателски кандидати. Претседателските кандидати кои имаат најголеми изгледи се поранешните министри за надворешни работи Абдула Абдула и Салмаи Расул, како и поранешниот економист во Светска банка, Ашраф Гани.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер изрази надеж дека по изборите новиот претседател ќе биде прифатен во целата земја. „Имам голем респект за ангажманот кој го покажуваат луѓето во Авганистан“, рече Штајнамајер. Соработници на германската амбасада при посета на осум избирачки места во Кабул утврдиле дека учеството на изборите е високо и организацијата била добра, се вели во соопштение на германското Министерство за надворешни работи.