Авганистански војник застрела двајца војници на НАТО
27 август 2012Авганистански војник утрово застрелал двајца припадници на трупите на НАТО во земјата, во нов случај на ткн. инсајдерски напад. Само во текот на изминатиот месец, 12 војници на ИСАФ мисијата биле убиени од свои колеги од авганистанската армија, а бројот на жртвите од почетокот на годината се искачи на 42.
Случаите во кои униформирани авганистанци ги напаѓаат своите колеги од меѓународната мисија особено зачестија во текот на годинава и станаа една од главните теми во војната во Авганистан. Според претставници на ИСАФ, тие целосно ја уриваат довербата меѓу двете страни.
Агенциите јавуваат дека на југот на Авганистан талибанците обезглавиле најмалку 17 цивили. Меѓу жртвите имало и жени, но причините за убиствата се уште не се познати.
Во истиот регион, во напад на талибанците врз контролен пункт на авганистанската армија, загинале 10 војници, а четворица биле ранети.